Денеска е Тодорова сабота, некогаш соборен ден на Делчево, денес заборавен празник од многумина

Денеска е Тодорова сабота, некогаш соборен ден на Делчево, денес заборавен празник од многумина

Тодорова сабота е еден од поголемите празници што го слават православните христијани. Во минатото бил прославуван масовно и претставувал своевидна фолклорна смотра на жителите од Царево Село (Делчево) и поширокиот регион на Пијанец. Празникот Тодорова сабота како имен ден го слават оние што го носат името Тодор, Тоде, Тоше, Тодора, Тодорка, Тошка…

За луѓето од Делчево, Тодорова сабота се празнувал и како соборен ден, кога жителите од околните села па дури и од Малешевијата, Осоговието, Ќустендилско и Горноџумајско ги посетувале домовите на своите роднини, пријатели или еснафи во Делчево.

Гостите ги благословувале домаќините со пригодни зборови и благослови, за добро здравје, бериќет и касмет. Така на пример обично велеле:

Добар ден, добра мисла и добра стига… Да сте живи и здрави како дрен, да имате к’смет секој ден, полето да ви роди голем береќет…

Ако во посетеното семејство имало ерген или мома им се пожелувало; Ајде на свадба да ви играме, а ако имало млад брачен пар им се пожелувало;

Ајде Господ со челад да ве израдува, дечица да родите, да ги доите, да ги поите,да пораснат со татко и мајка.

Домаќините, исто така со пригодни зборови ја изразувале благодарностра за посетата и ги почестувале домаќините со слатко и вода, ракија и мезе, колачиња и други домашни специјалитети.

Во центарот на градот покрај брегот на Брегалница се собирал многу народ да ги следи и да учествува во игрите и ората, што ги приредувале музички тајфи и даровити поединци, кои преку целиот ден и до доцна попладне свиреле пееле и ги веселеле соборјаните.

Тој ден бил и ретка можност за младите да се запознаваат и дружат, да си ги изразат своите симпатии и љубовни чувства.Имало многу случаи на тој ден да се заветат еден на друг и да се земат истата или наредната Тодорова сабота. Таков бил примерот на моите баба и Дедо. Тој -Илија од Тработивиште и таа – Деница од Драмче, се сретнале и запознале на соборниот ден Тодорова сабота во Делчево. Се случила љубов на прв поглед. Си ветиле љубов и брак. Се договориле идната година на празникот пак да се сретнат и да се земат. Така и станало. Цела година се подготвувале и чезнееле за тој ден, за закажаната средба на Тодорова сабота. Така и станало, се нашле, дедо ми и предложил да појде бегала по него таа се согласила и така основале семејство, а бог ги дарил со многудетно семејство. Такви и слични згоди имало многу.

Тодорова сабота како празник се славел од дамнина и за време на османлиското ропство и за време на бугарско и на српско, и во Бивша Југославија, а во видоизменета форма и содржина традицијата продолжува до денешни дни.

Наш долг и долг на генерациите што следат е да ја продолжиме традицијата, да ги негуваме обичаите, да се собираме, дружиме, натпреваруваме.

За тоа сега постојат многу благопријатни услови. Како што се обнови традицијата на Соборот на Св. Панталеј на Голак, така треба да се осмисли и обнови Соборот на Тодорова сабота во Делчево.

Делчево има услови, делчевчани имаат средства. Потребна е само добра волја.

-Пишува Пијанечкиот хроничар и новинар Васил Маневски

(сега во пензија)

За време на владењето на Светиот Великомаченик Теодор Тирон, извршена е најжестока хајка против христијаните. Тогаш настрадал и Светиот Великомаченик Теодор.

Тој не сакал да се откаже од Христа и на паганските богови да им принесе жртва поради што бил затворен и мачен.Но и во затворот не се уплашил од смртта и пеел црковни песни поради што бил осуден на смрт со запалување и бил запален на клада на 17.02.306 год. Во негова чест се празнува споменот на Светиот Великомаченик Тодор.

Но народот празнува уште еден празник посветен на овој светец. Тоа е Тодорова сабота, како се вика првата сабота од Велигденските пости, односно првата сабота по Прочка.

Овој празник е подвижен и зависи од големиот христијански празник Велигден. На овој ден младите изведувале и повеќе обичаи со кои сакале да дознаат кој е нивниот иден брачен другар.

За многу години.

Facebook Twitter Google+ LinkedIn Pinterest
bregalnicki-admin

Вести од истокот на Македонија Почитувани, во последните повеќе месеци источниот дел на Република Македонија се соочува со едноумие и анемичност во информативниот простор, предодреден првенствено од лошите економски услови за опстојување на информативните гласила на овој простор. Брегалничкиот регион на Република Македонија има со што да се пофали и афирмира пред остатокот од државата, но и во меѓународни рамки. Исто така потиштени од огромниот број на проблеми со кои се соочува народот во овој регион, за кои што проблеми многу малку се говори и информира во јавноста изворно од теренот гледаме дека сосатојбите не се менуваат на подобро. Затоа решивме да смогнеме минимални сили за да започнеме со овој проект наречен едноставно БРЕГАЛНИЧКИ. Портал кој првично извира од народот и за народот... Колку ќе успееме да ја заслужиме Вашата читателска доверба, оставаме Вие самите да изградите сопствена перцепција.

Facebook Comments